Опсервер: Ќе зборуваме за јавните набавки. Колку време работите на оваа проблематика?
Ана Ѓ. Андриевска: Повеќе од една деценија ги застапуваме правата на економските оператори и секојдневно работиме на надминување на правните, административните и техничките бариери што се појавуваат во овие постапки. Благодарение на нашето искуство ние ја имаме реалната слика од практиката – точно знаеме каде настануваат проблемите и што навистина прави разлика меѓу неуспешна и успешна постапка.
Опсервер: Каде, според вашето искуство, најчесто започнува проблемот за компаниите?
Ана Ѓ. Андриевска: Најчесто уште со првото читање на тендерската документација компаниите природно се фокусираат на тоа дали ги имаат техничките и финансиските капацитети, но го потценуваат фактот дека огласот е правен акт. Една нејасна формулација, еден услов што не е прецизно дефиниран, може целосно да ја доведе во прашање понудата — без воопшто да се разгледува нејзиниот квалитет.
Токму тука превентивната правна анализа има најголема вредност.
Адвокатите ја читаат документацијата не само формално, туку низ призма на искуство од жалбени постапки и реални судски спорови. Навременото укажување на ризик значи избегнување на проблем што подоцна тешко се коригира.
Опсервер: Зошто добри компании често губат уште во фазата на понудата?
Ана Ѓ. Андриевска: Затоа што понудата сè уште се доживува како административна обврска, а не како правен документ. Денес, кога фокусот сè повеќе се префрла кон квалитет, методологија и одржливост, понудата мора да биде логична, аргументирана и правно усогласена.
Во пракса гледаме одлични технички решенија кои „паѓаат“ затоа што не се претставени на начин што може да биде правилно оценет.
Адвокатите не ја заменуваат техничката експертиза, туку ја структуираат и ја прават правно разбирлива и валидна. Тоа е често клучната разлика меѓу просечна и победничка понуда.
Опсервер: Што најмногу ги загрижува компаниите кога ќе ја добијат одлуката?
Ана Ѓ. Андриевска: Не секогаш исходот, туку образложението. Компаниите сакаат да знаат зошто некој е избран, а зошто тие не се. Кога одлуките се формално точни, но суштински нејасни, се создава правна несигурност.
Тука е важно трезвено да се процени дали постои реален правен основ за понатамошни чекори.
Искуството на адвокатот овозможува брза и објективна проценка – кога има основ за жалба и кога е подобро да се зачуваат ресурсите за следна постапка.
Опсервер: Битен дел е жалбената постапка. Каде најчесто се греши при поднесување жалба?
Ана Ѓ. Андриевска: Најчесто во пристапот. Жалбата не е автоматска реакција, туку прецизна правна постапка со строги рокови и формални правила. Емоционалните аргументи не помагаат – помага само јасно идентификувана повреда на постапката.
Добро подготвената жалба не е обемна, туку фокусирана. Таа го напаѓа суштинскиот проблем, а не целата постапка.
Опсервер: Имаме впечаток дека најпотценетата фаза е реализацијата на договорот. Што покажува практиката по потпишувањето на договорот?
Ана Ѓ. Андриевска: Практиката покажува дека токму тогаш започнуваат најсериозните ризици. Проблеми со рокови, толкување на клаузули, измена на услови, а најчесто – застои во плаќањето. Компаниите кои не размислувале за овие сценарија однапред, се наоѓаат во многу незавидна позиција.
Поради тоа, континуираната правна поддршка во оваа фаза значи навремена реакција, правилно активирање на договорните механизми и заштита на финансиските интереси на компанијата.
Тука адвокатот станува вистински деловен партнер!
Опсервер: Како за крај на нашето интервју, што би им порачале на компаниите кои се вклучени во процесот на јавни набавки?
Ана Ѓ. Андриевска: Jавните набавки не се еднократен настан, туку континуиран процес со правни ризици во секоја фаза — од оглас, преку понуда и евалуација, до реализација на договорот. Компаниите што навремено ја препознаваат оваа реалност, се оние што долгорочно остануваат конкурентни.
Не чекајте проблем за да побарате правна заштита. Превентивната правна консултација често е клучот за успешна понуда и сигурна реализација на договорот за јавна набавка.
Повеќе детали за нашата адвокатска канцеларија може да најдете на нашата веб страна
ARLaw.
Интервјуто на адвокат Ана Ѓорѓиевска Андриевска во оригинал може да го погледнете
ТУКА.