ПОТРЕБАТА ОД УСВОЈУВАЊЕ И ЦЕЛОСНА ПРИМЕНА НА СОВРЕМЕН НОВ ЗАКОН ЗА ИНСОЛВЕНТНОСТ СОГЛАСНО ЕУ ДИРЕКТИВАТА (2019/1023) – КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА

Состојбата со повеќе години „заглавениот“ Закон за инсолвентност е типичен пример за јазот помеѓу еволуцијата на бизнис реалноста и бавноста на законодавната рамка во Македонија. Фактот што постојниот Закон за стечај кој првично беше донесен во 2006 година и кој е менуван во повеќе од 50% од неговата првична содржина е јасен сигнал за „правна крпеница“ која создава несигурност наместо заштита.

Во прилог е краток коментар и компаративна анализа на клучните точки што ги носи новиот предлог концепт во споредба со стариот систем, концепт кој може да се именува Од „Ликвидација“ кон „Рехабилитација“. Главниот проблем со сегашниот систем (Законот од 2006) е што кај нас зборот „стечај“ е синоним за престанок на фирмата, односно затворање на деловниот потфат и впаричување на она малку имот кој е преостанат, доколку го има. И економски и правно, процесот започнува премногу доцна, кога имотот е веќе отуѓен/обезвреднет/заложен, а сметките со години блокирани.

Новиот закон, поддржан од Светска банка, се обидува да ја смени парадигмата: инсолвентноста да не биде крај, туку шанса за ресетирање. Најважниот елемент тука е превенцијата — механизми кои им овозможуваат на фирмите да реагираат пред да дојде до целосен колапс.
 
Карактеристика Стар Закон за стечај (2006) Нов Закон за инсолвентност (ЕУ Директива)
Пристап Реактивен (кога штетата е веќе направена). Проактивен (превентивни рамки за преструктуирање)
Фокус Распродажба на имот и намирување на доверители. Опстанок на бизнисот и зачувување на работни места.
Улога на судовите Долги, гломазни и скапи процедури. Ефикасност преку скратени рокови и дигитализација.
Доверители Честопати во конфликт; тешко доаѓање до консензус. Олеснета преговарачка моќ и механизми за „присилување“ на малцинските доверители ако планот е одржлив.
Претприемачки „втор дух“ Силна стигма и тешкотии за повторно почнување бизнис. Обезбедува „fresh start“ (нов почеток) за чесните претприемачи.



Зошто е важна ЕУ Директивата за реструктуирање и инсолвентност?
 

Европските правила, кои новиот закон ги инкорпорира, инсистираат на:

1) Рано предупредување:
Дигитални алатки кои ги алармираат менаџерите кога фирмата влегува во зона на ризик.

2) Застанување на извршувањата:
Привремен „мораториум“ на долговите додека траат преговорите за спас, што е клучно за ликвидноста.

3) Специјализација:
Поголема професионализација на стечајните управници кои треба да бидат повеќе „менаџери за спас“, а помалку „стечајни ликвидатори“.
 
Застојот на носење на новиот предложен Закон за инсолвентност во владините или собраниските лавиринти е директна штета за економијата. Додека ЕУ користи хибридни модели на финансиско преструктуирање, македонските судии и управници се принудени да работат со закон кој е „правен Франкенштајн“ (поради многуте измени), до тој степен што во неговата содржина има одредби кои си противречат едни на други, а се дел од ист закон и уредуваат една иста постапка. Без новиот закон, секоја криза (енергетска, пазарна или инфлаторна) ќе резултира со масовно затворање на фирми, наместо со нивно оздравување преку преговори.
 

Во прилог ќе наведеме и неколку конкретни предлози за реформи што експертите и меѓународните организации ги препорачуваат за подобрување на стечајниот (инсолвентниот) систем во Македонија, со цел да се зголеми ефикасноста, правната сигурност и економската корист од стечајните постапки. За да се трансформира стечајниот систем од ликвидатор на фирми во ефикасен механизам за економско рестартирање, експертите од Светска банка, ММФ и Европската комисија (преку Директивата 2019/1023) препорачуваат неколку столбови на реформи.

Овие предлози се веќе инкорпорирани во новиот, сè уште недонесен Закон за инсолвентност, а еве ги клучните точки:
 
1. Воведување на алатка „Рано предупредување“ (Early Warning)
Меѓународните организации инсистираат на дигитални алатки кои ќе ги алармираат претпријатијата кога нивните финансиски показатели (на пр. доцнење со даноци или придонеси) укажуваат на идна неликвидност.
Цел: Да се поттикне менаџментот да побара помош додека компанијата сè уште има вредност, наместо да чека блокирана сметка од 45 или најчесто многу повеќе денови.

2. Превентивно преструктуирање (Предстечај)
Ова е најважната препорака. Наместо веднаш да се оди на ликвидација, се предлага законска рамка за преговори со доверителите под судски надзор, но без целосно запирање на бизнисот.
Механизам „Cram-down“: Овозможување на судот да го потврди планот за реструктуирање дури и ако некои класи на доверители се против, доколку планот е фер и нуди подобар исход од ликвидацијата.

3. Скратување и дигитализација на постапките
Светска банка во своите извештаи редовно забележува дека стечајните постапки во Македонија траат предолго (просечно над 2 години, често подолго а имаме и повеќе кои се веќе „историски“) и се скапи.
Предлог: Целосна е-комуникација помеѓу судот, управникот и доверителите. Електронска продажба на имот: Намалување на просторот за корупција и субјективни влијанија преку транспарентни е-аукции.

4. Нов почеток за претприемачите (Fresh Start)
Експертите препорачуваат дестигматизација на стечајот. За чесните претприемачи (индивидуалци) чиј бизнис пропаднал, треба да се овозможи целосен отпис на долговите по одреден период (обично 3-5 години), за да можат повторно да се вклучат во економијата.
 
Област на реформа Очекуван ефект Економска корист
Брзина на постапката Намалување периодот од 2+ години на под 12 месеци. Побрз поврат на капитал во економијата.
Трошоци Намалување на административните и судските такси. Повеќе пари за намирување на доверителите.
Стапка на наплата Зголемување на процентот на вратен долг (од сегашните ~15-30% на повисоко ниво). Поголема ликвидност кај банките и добавувачите.
Работни места Преку реструктуирање наместо ликвидација. Намалување на социјалниот притисок и невработеноста.


Според правните експерти, клучни пречки за имплементација на новиот Закон за инсолвентност онака како што е предвиден, како и најголемите предизвици (кои не се само во законот туку и во оние кои треба да го спроведуваат), се:

1) Капацитетот на судовите: 
Потребна е поголема специјализација на судиите и поброен кадар исклучиво за материјата на инсолвентност.

2) Професионализација на управниците:
Префрлање од улога на „стечаен ликвидатор“ во улога на „кризен менаџер“.

3) Отпор од банките:
Поголемите доверители често претпочитаат директна извршна наплата перед колективно преструктуирање каде мора да прават отстапки.


Заклучок: Моделите од ЕУ покажуваат дека интеграцијата на механизми за превентивно реструктурирање, рани вмешателни алатки, правна заштита за доверители и должници и флексибилни планови за реорганизација може значително да ја подобри ефикасноста на инсолвентниот систем. Токму овие елементи може да послужат како практични модели при реформите во Македонија.

 

ПРИМЕНА НА ЕУ ДИРЕКТИВАТА ЗА ПРЕВЕНТИВНО РЕСТРУКТУИРАЊЕ (2019/1023)


Ова е една од најзначајните реформи во Европа во последните години — ЕУ ја донесе директивата 2019/1023 со цел да ги поттикне земјите членки да воведат механизми што им овозможуваат на компаниите да се реструктуираат пред да започне стечајната постапка. Целта е да се зачува вредноста на деловните субјекти и да се избегне непотребно нивно ликвидирање. Примената на ЕУ Директивата 2019/1023 е столбот на новиот македонски Закон за инсолвентност кој чека на усвојување. Оваа директива не е само техничка измена како што на прв поглед звучи, туку радикална промена на „филозофијата“ на должничко-доверителските односи.

Наместо системот да чека компанијата да стане клинички мртва, Директивата наметнува механизми за дејствување додека се уште има надеж. Клучни столбови на Директивата во македонски контекст се:

1. Рамка за превентивно реструктурирање
Ова е „чистилиштето“ помеѓу нормалното работење и стечајот. Должникот кој се соочува со веројатна несолвентност добива пристап до постапка каде: Менаџментот ја задржува контролата: Менаџментот останува да управува со фирмата (за разлика од класичен стечај каде управува стечаен управник). Заштита од извршители: Се воведува прекин на индивидуалните постапки за присилна наплата (обично на 3 месеци) за да се даде простор за дишење и преговори.

2. Механизам на „вкрстено прифаќање“ на планот (Cross-class Cram-down)
Ова е револуционерен концепт за нашето право. Ако доверителите се поделат во класи / редови (обезбедени, необезбедени, вработени итн.), планот за спас може да биде усвоен дури и ако една класа или еден ред е против. Услов: Судот мора да потврди дека планот е во најдобар интерес на сите и дека ниеден доверител нема да помине полошо отколку што би поминал во случај на ликвидација (т.н. Best Interest of Creditors Test).

3. Заштита на „новите пари“ (New Financing)
Најбитен услов за успех на било каков план во нашата констелација на односи: Директивата бара државата да гарантира дека ако некој (банка или инвеститор) вложи свеж капитал во фирмата за време на преструктурирањето, тие пари ќе бидат заштитени. Тие не смеат да бидат предмет на побивање во подоцнежен стечај и треба да имаат приоритет при наплата.

Што значи ова во пракса за македонските компании?
 
Елемент Пред Директивата (Стар модел) По Директивата (Нов модел)
Должности на директорите Нема јасни правила до кога смеат да работат во загуба. Обврска да ги земат предвид интересите на доверителите при првите знаци на криза.
Втор почеток Долготрајна стигма и неможност за нов бизнис. Целосен отпис на долгови за чесни претприемачи по максимум 3 години.
Улога на судот Администратор кој само потврдува ликвидација. Активен супервизор на економскиот спас на фирмата.


Зошто е критична брзата примена?

Македонската економија е доминантно составена од SME односно МСП (Мали и средни претпријатија). Тие се најранливи на блокади. Примената на Директивата преку новиот закон за овие компании воедно би значела:

1) Помалку „фантомски“ фирми:
Фирми кои не произведуваат ништо, а само ги блокираат парите на другите.

2) Поевтини кредити:
Кога банките имаат предвидлива рамка за наплата или преструктурирање, ризикот се намалува, што теоретски води до пониски камати.

3) Зачувување на човечкиот капитал:
Наместо работниците да одат на Биро за вработување или што е почест и веќе алармантен случај во странство, тие остануваат во фирма која се рехабилитира.

Клучен предизвик: Директивата бара „специјализирана обука“ за судиите. Во Македонија постои страв дека без сериозна едукација и посветеност, судиите ќе продолжат да ја користат линијата на помал отпор – брза ликвидација и бришење на фирмата.


ГЛАВНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА УСПЕШНИТЕ ПРАКСИ ОД НЕКОЛКУ ЕУ ЧЛЕНКИ, ПОТЕНЦИЈАЛНО ПРИМЕНЛИВИ И КАЈ НАС: СЛОВЕНИЈА, ХРВАТСКА, РОМАНИЈА



Овие три земји се одличен пример за еволуцијата на инсолвентните системи, бидејќи сите поминаа низ транзиција и мораа да ги усогласат своите закони со строгите ЕУ директиви. Секоја од нив нуди специфична лекција која би била корисна за македонскиот контекст.

1. Словенија: Шампион во превентивно преструктурирање

Словенија важи за една од најуспешните во регионот поради воведувањето на механизми кои овозможуваат спас на големите должници пред да влезат во формален стечај. Позначајни елементи од нивниот систем кои би било максимално корисно да се имплеметираат и кај нас:

1) Постапка за присилно порамнување:
Словенечкиот закон овозможува многу рана фаза на преговори. Должникот може да предложи план за финансиско преструктурирање додека сè уште е ликвиден, но предвидува дека ќе настане проблем.

2) Улогата на СУТ (Словенечкиот институт за ревизија):
Тие воведоа стандарди за проценка на вредноста на претпријатијата во стечај, што ја зголеми довербата на банките во процесот.

3) Специјализација:
Судовите во Љубљана и Марибор имаат високо специјализирани оддели кои работат само на комплексни реструктурирања.


2. Хрватска: Дигитализација и „Предстечајна нагодба“

Хрватска направи револуција со воведувањето на институтот Предстечајна нагодба, кој подоцна беше целосно интегриран во нивниот Стечаен закон. Позначајни елементи од нивниот систем кои би било максимално корисно да се имплеметираат и кај нас се:

1) ФИНА (Финансиска агенција):
Клучната разлика во Хрватска е улогата на ФИНА. Оваа агенција автоматски покренува стечај по 120 дена блокада на сметката. Ова ја елиминира појавата на „фантомски фирми“ кои со години должат без правна завршница.

2) Е-продажби (E-dražbe):
Продажбата на имотот се врши исклучиво преку централизиран онлајн систем на ФИНА. Ова ја зголеми транспарентноста и цената на продадениот имот, бидејќи секој може да лицитира од својот компјутер.

3) Брзина:
Последица која резултира од автоматизацијата, Хрватска успеа драстично да го скрати времето на траење на постапките за малите фирми.


3. Романија: Ефикасност и силни стечајни управници

Романија често се наведува како пример за земја која успеа да изгради исклучително агресивен и ефикасен систем за наплата и реорганизација. Позначајни елементи од нивниот систем кои би било максимално корисно да се имплеметираат и кај нас се:

1) Професијата „Практичар по инсолвентност“:
Во Романија, управниците се високопрофилни професионалци (UNPIR - Национална унија) со огромни овластувања. Тие функционираат како кризни менаџери кои можат да го сменат целиот борд на директори во рок од 24 часа.

2) Приоритет на бизнис континуитетот:
Романскиот закон (Закон 85/2014) е дизајниран да го максимизира „движењето на бизнисот“ (going concern). Судовите таму многу лесно одобруваат планови за реорганизација доколку постои и најмала шанса фирмата да преживее.

3) Специјализирани судови и скратени рокови:
Романија има едни од најбрзите судови за инсолвентност во Источна Европа, каде роковите се често се сметаат и во денови, а не во месеци.

Компаративен преглед: Што може Македонија да научи?
 
Земја Клучна лекција за нас Резултат
Словенија Рано дијагностицирање на проблемите. Спас на големи вработувачи.
Хрватска Автоматизација на стечајот преку ФИНА. Чистење на економијата од неликвидни фирми.
Романија Моќни и професионални управници. Висок процент на успешно реорганизирани фирми.



Заклучок за Македонскиот модел

Ако новиот закон навистина ги имплементира погоренаведените пракси, најголемиот предизвик за Македонија ќе биде отпорот кон автоматизацијата / дигитализацијата (како во Хрватска) и потребата од храбар и посветен суд кои ќе дозволи реструктурирање под ново предвидените услови и механизми, наместо „сигурната“ и лесна ликвидација.